Tурскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска го повика рускиот претседател Владимир Путин да прогласи прекин на огнот во Украина, да отвори хуманитарни коридори и да потпише мировен договор, соопшти денеска кабинетот на турскиот претседател.

Во соопштението лиферувано по едночасовниот телефонски разговор, турското претседателство соопшти дека Ердоган му кажал на Путин дека Турција е подготвена да придонесе за мирно решение на конфликтот, додавајќи дека прекинот на огнот ќе ја ублажи загриженоста за хуманитарната ситуација, пренесуваат британските медиуми.

Претседателот Ердоган го повтори својот повик заедно да го отворат патот за мир, соопшти неговиот кабинет.

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор му рекол на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Русија ќе ја прекине својата „воена операција“ само ако Украина престане да се бори и ако се исполнат барањата на Москва, соопшти Кремљ, пренесува Би-Би-Си.

Русија инсистира на тоа дека нејзината инвазија на Украина по копно, воздух и море е специјална воена операција, за која Путин тврди, без никакви докази, е потребна за „деназификација“ на земјата.