Делегацијата на Владата на Северна Македонија составена од националните координатори Марјан Забрчанец и Нола Исмајлоска Старова и советникот на премиерот за надворешна политика Едмонд Адеми имаа работна средба во Вашингтон со Габриел Ескобар, заменик помошник на државниот секретар и специјален претставник за Западен Балкан на САД, во рамки на студиската посета во САД на регионалната координативна група на иницијативата „Отворен Балкан”.
На средбата, претставниците на „Отворен Балкан“ од Северна Македонија, Албанија и Србија со претставниците на Стејт департментот на САД разговарале за важноста на регионалното поврзување и на слободното движење на луѓе, капитал, добра и услуги. Тие уште еднаш ја потврдиле отвореноста на иницијативата за приклучување на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово во иднина.
Претставниците на Стејт департментот изразиле силна и недвосмислена поддршка за европската интеграција на целиот регион на Западен Балкан и особено за регионалната економска и политичка соработка како што е „Отворен Балкан“. Иницијативата „Отворен Балкан“ била оценета како соработка која дава конкретни резултати, која е препознаена од граѓаните, компаниите и институциите и која е на линија со европските политики и регулативи.
„Западен Балкан има недвосмислена европска иднина, земјите од регионот треба да станат членки на Унијата во разумен рок бидејќи со тоа ќе донесат нови можности за Европа“, било истакнато за време на состанокот.
Во рамки на студиската посета која е во организација на Атлантскиот совет од САД, претставниците на „Отворен Балкан“ од Северна Македонија, Албанија и Србија имале средби и со претставници на Американскиот сенат.