Една наплатна кабина е целосно оштетена, две соседни делумно, а уништена е и опрема на наплатната станица Кадрифаково во изградба на автопатот Штип-Миладиновци во сообраќајната несреќа што се случи изутрината откако во патарината удри и се преврте камион.

Според првичните информации на Јавното претпријатие за државни патишта, во незгодата е предизвикана голема материјална штета. Во моментов, информираат за МИА од ЈПДП, стручни екипи на изведувачот вршат проценка на предизвиканата штета, а засега не може да се предвиди за колку време ќе биде пролонгирано нејзиното пуштање во употреба предвидено претходно за почетокот на април годинава.

– Во незгодата во целост е оштетена една наплатна кабина и има делумно оштетување на две соседни кабини. Од ударот во кабината предизвикано е оштетување и на опремата на Наплатната станица, односно на самите ленти на кои се поставени наплатните ленти. Конкретно, целосно се оштетени две автоматски бариери – задни рампи, а исто така целосно се оштетени два линиски контролери.Има и оштетувања на друга поставена опрема, како држачи, столпчиња и слично, информира ЈПДП.