Велика Британија соопшти дека воведува санкции против четворица високи одбранбени фигури во белорускиот режим на Александар Лукашенко поради поддршката на руската инвазија врз Украина. Замрзнат имот и забрана за патување е воведена за Виктор Гулевич, началник на Генералштабот на армијата на Белорусија и прв заменик министер за одбрана.

– Тој е одговорен за насочување на акциите на белоруските вооружени сили, кои ја поддржаа и овозможија руската инвазија врз Украина. Тој нареди заеднички воени вежби со Русија и се согласи на распоредување на руски војници долж границата на Белорусија со Украина, што директно придонесе за способноста на Русија да ја нападне Украина, вклучително и од позициите во Белорусија, соопшти британското Министерството за надворешни работи.

Исто така, санкционирани се генерал-мајор Андреј Бурдико, заменик министер за одбрана за логистика и началник за логистика на белоруските вооружени сили; заменик-министер за одбрана и началник за вооружување, генерал-мајор Сергеј Симоненко; и заменик-министерот за одбрана, генерал-мајор Андреј Жук.