Украинските власти очекуваат дека Русија ќе се обиде да го заземе Киев на тој начин што со колони тенкови ќе навлезе во главниот град, а за да го спречат тоа, како што јавуваат локалните медиуми, се рушат мостови.
Според извори од Генералштабот на вооружените сили, весникот „Украинска правда“ објави дека руски тенкови што се движат кон Киев биле запрени во близина на селото Иванков, каде што украинските сили разнеле мост за да го запрат конвојот.
Како што се наведува, руски тенкови се упатуваат кон Киев, но борбата почнала кај Иванков.
„Украинските сили дигнаа во воздух мост за да го запрат рускиот конвој”, пишува весникот додавајќи дека Иванков е на половина пат до Киев.
Дека Русија ќе сака да влезе во Киев со тенкови, претходно изјави и советникот на министерот за внатрешни работи Антон Герашченко. Според него, руските сили планираат да се пробијат од правец токму на Иванков и Чернигов.
„Најтешкиот ден ќе биде денешниот. Планот на непријателот е да се пробие со колони тенкови од Иванков и Чернигов до Киев“, напиша Герашченко на Телеграм.