Извршена е кражба во црквите во пехчевските села Панчарево и Црник. Во Паначарево, според информации на жители на селото, украден е и автомобил пежо 206.

– Автомобилот кој е украден е сопственост на панчаревецот Љупчо Гошевски, а кражбата во црквата „Св.великомаченик Димитриј“ е извршена преку разбивање на влезната врата, велат жители кои кражбата ја пријавиле во полиција во Берово.

Од полицијата ја потврдија пријавата за кражбата на автомобилот и разбивањето на црквата и додаваат дека нивни екипи извршиле увид на самото место. Посочија дека според тврдењето на жителите непознати сторители влегувале и одземале пари од црквата, од почетокот на јануари до 22 февруари кога е регистрирана самата пријава за кражба.

– Слична пријава за кражба имаме и за селото Црник каде жителите се сомневаат дека кражбата се случила помешу 20 и 22 февруари 2022, додадоа од полицијата.

Потрагата по сторителите продолжува, а засега нема осомничени и информација колкава сума на пари е украдена од двете цркви.