Албанскиот претседател Илир Мета побара одговорна економска политика во интерес на граѓаните.
Наведувајќи проценти за растот на цените во јануари, а повикувајќи се на податоците на Евростат, оценува дека Албанија има највисоко ниво во регионот како процент од европскиот просек.
-Време е за одговорна економска политика во интерес на граѓаните. Цените во земјава продолжуваат алармантно да растат, на штета на домаќинствата и продлабочувајќи ја сиромаштијата на Албанците. Во јануари 2022 година, вкупните цени се зголемија за пет отсто, а цените на храната за 9,9 отсто. Во меѓувреме, според податоците на ЕУРОСТАТ, Албанија има највисоко ниво во регионот како процент од европскиот просек, напиша Мета во објава на социјалните мрежи.
Оценува дека во услови кога растот на цените на храната и енергијата вртоглаво растат, одговорните државни институции мора под итно да интервенираат со зголемување на платите.
-Не само што треба да ги следат инфлациските движења, туку и да преземаат конкретни иницијативи за зголемување на платите, со цел да се одржи животниот стандард на граѓаните. Нереагирањето на поскапувањата не е во согласност со јавниот интерес и растот на благосостојбата на нашите граѓани, наведува Мета.