И двајцата синови на убиениот Стојанче Соколов денеска беа со стотиците битолчани и бараат правда и слобода за нивниот дедо Тони Ѓорѓиевски – Фердо (62) кој завчера во одбрана на своето семејство го уби зетот од ќерка.

Тони Ѓорѓиевски од вчера е во притвор откако ОЈО го сомничи за убиство со умисла оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство или да влијае врз сведоците. Во моментот на убиството во домот на Ѓорѓиевски биле шест лица, кои биле потенцијална мета на зетот кој се заканувал со мачета.

Битолчани денеска се собраа пред Основниот суд на мирен протест и порачаа дека станува збор за самоодбрана за што постои видео од чинот на убиството. Домот на Ѓорѓиевски бил целосно под видеонадзор.

Убиството се случи во понеделникот рано утрото. Според обвинителството сега починатиот, вооружен со мачета, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на осомничениот и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол „бајкал“ што го поседувал со дозвола. Го застрелал со два последователни истрели, па Стојанче паднал и починал на лице место.