Европската Унија дава силна поддршка на Република Северна Македонија во изградбата на Коридорот 8, изјави денеска шефот на Делегацијата на Европската унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир.

– Како Европска унија со нетрпение очекуваме да отпочне изградбата на првиот и вториот дел од железничката траса на Коридорот 8, пругата кон Бугарија и мора да нагласам дека со средства од Европската унија ќе се градат првиот и вториот дел, додека веќе интензивно работиме на изнаоѓање начини за изградба на делот три, Крива Паланка – граничен премин со Република Бугарија, Деве Баир, изјави евроамбасадорот Гир за време на посетата на општината по повод првиот роденден на Europe House Крива Паланка.

Гир денеска имаше средба со градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на која се разговараше за повеќе аспекти од начинот на поддршка на општината од страна на ЕУ фондовите, со кои досега се реализирани проекти во вредност од околу пет милиони евра.