Жестока дебата меѓу советниците во Град Скопје во синоќешниот дебатен магазин „Клик Плус“.
Советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска рече дека сегашната градоначалничка на Град Скопје направила повеќе во 100 дена, отколку Петре Шилегов за четири години. Таа го обвини Шилегов дека го оставил градот со долг од 160 милиони евра.

Советникот од редовите на СДСМ, пак, Гордан Шутаров, го демантира ова, потсетувајќи дека самата Данела Арсовска изјавила дека градот го презела со долг од 58 милиони евра, кои, како што вели, 30 милиони се долгови наследени од претходната власт, а останатите 20 милиони се договорени обврски за Момин Поток.

Но, советничката Драгана Велковска која доаѓа од редовите на „Зелен хуман град“, рече дека Град Скопје треба да инвестира во обновливи извори на енергија, бидејќи, како што објаснува, само со ваква инвестиција животната средина и воздухот ќе бидат почисти.

Според Велковска, погрешен чекор е и поскапувањето на болничкиот паркинг во време на пандемија кога граѓаните имаат зголемена потреба од помош.