И покрај изјавите на Кремљ за повлекување на војската, од САД излегоа тврдења дека Русија го зголемила бројот на војници на границата со Украина за 7 000.
Неименуван висок функционер на американската администрација изјави за „Асошиетед прес“ дека Русија продолжува да шири лажни тврдења што може да ги искористи како изговор за инвазија.
Како пример, тој ги наведува извештаите на Кремљ за гробовите на цивилите наводно убиени од украинските сили, тврдењата дека САД и Украина развиваат биолошко и хемиско оружје и дека Западот испраќа герилци да убиваат Украинци. Неименуваниот функционер, пренесуваат медиумите, сепак, не понудил доказ за ваквите тврдења.
Руското Министерство за одбрана претходно, пак, објави видео на кое се гледа како војници и воена опрема на тенковската армија на Западниот воен округ наводно се враќаат во своите бази по завршените воени вежби.
Отааму соопштија соопшти дека тенковите и оклопните возила ќе поминат околу 1 000 километри со железница.
Објавата на видеото следуваше откако претходно Западот неколку пати посочи дека не гледа докази за руските тврдења дека се повлекува војската. Сомнежи изрази и украинскиот претседател Володимир Зеленски кој изјави дека Москва единствено ги ротира силите.
Гледаме мали ротации, рече претседателот и додаде дека тој не би ги нарекол тие ротации повлекување на силите.