Денеска се одржува вториот ден од министерскиот состанок за одбрана, голем дел од енергијата ќе биде и натаму посветена на кризата со Русија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Министрите на 30-те земји членки на НАТО ќе го започнат денот со седница на која се поканети нивните колеги од Украина и Грузија, две земји кои имаат аспирации за членство во Северноатлантската алијанса, на што се противи Русија.
НАТО повторува дека нејзините врати остануваат отворени и дека секоја земја треба да избере слободно и суверено дали сака да и се приклучи, но дека во ниеден случај Русија не смее одлучува за тоа, истакна вчера генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
За Столтенберг, и за НАТО, барањата на Москва претставуваат прекршување на правилата кои ја сочинуваат европската безбедност.
-Новото нормално е што Русија покажа дека е волна да ги доведе во прашање темелните принципи на нашата безбедност, правото на земјите да го одберат својот пат и да се бранат едни со други, тие сугерираа повелба која ги нарушува овие принципи, изјави Столтенберг на прес конференцијата.
Алијансата сѐ уште ги чека и одговорите на Москва за предлозите испратени на 26 јануари.
Предлозите содржат понуда за дискусија околу теми како контрола на оружјето, намалување на ризиците и зголемена транспарентност, но се одбива категорично да се разговара за договор кој би спречил земји како Украина да се зачленат во НАТО, како што бара Русија.