Целта на власта и на јавното обвинителство е низ еден долгогодишен мачен судски процес на политички монтирани судски процеси, дел од политички таргетираните обвинети лица да бидат неправедно осудени а дел и затворени за констукции, за кои наместо докази се нудат претпоставки, незаконски обезбедени т.н. докази или уценети сведоци, вели екс премиерот Никола Груевски, кој е бегалец во Будимпешта веќе неколку години.

Оваа негова реакција доаѓа откако неговите поранешни најблиски соработници, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Мартин Пророѓер, кој беше шеф на неговиот кабинет, признаа вина за дел од точките во обвинението за случајот „Титаник“ кој се води за изборни нерегуларности.

Како што вели Груевски, ги натерале да признаат вина која не постои:

Исто така цел е дел од таргетираните неправедно обвинети, доведени до агонија од долгите и исцрпувачки судски процеси, некои од нив претрупани и со голем број конструирани судски предмети, од кои со години неможат нормално да функционираат, после долгогодишна борба и докажување на правдата, низ еден процес на нудење “пазар” од страна на обвинителството да бидат приклештени на правење штета на себе и потенцијално на други, а верувајки дека со тоа ќе одбегнат поголема штета, да се понижат и да се принудат самите да си признаат вина која ја немаат. Вина која не постои!

Да имаа докази за нивна вина, немаше судењата по 5-6 години да бидат на самиот почеток. Немаше на овие луѓе да треба да им се закануваат со отворање нови судски случаи против нив, немаше да им нудат не започнување на нови конструирани случаи кои им ги најавуваат. Ниту пак ослободувања, ублажувања, преквалификации или повлекувања на дел на обвиненијата со иста цел, или условни казни за дел од актуелните конструирани случаи против нив, вели меѓудругото Никола Груевски.