При посетата на компанијата „Текстил Солушн“ премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање рече дека ВМРО-ДПМНЕ треба прво да излезе и каже дали биле ЗА или ПРОТИВ покачувањето на минималната плата а после тоа да поднесуваат амандмани.

– Таа е резултат на колективно договарање, односно социјален дијалог помеѓу ССМ со Владата, ресорните министерства при што беа повикани сите други синдикати кои не се репрезентативни но инсистиравме да присуствуваат. Таму беа и сите здруженија на работодавачи, а пред тоа јас лично одржав состаноци и со сите стопански комори. Ако некој беше против овој закон тоа беше ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО беше против законот за минимална плата кога се правеше минатото покачување и сега беа против. Станаа ЗА вечерта кога постигнавме договор за покачување на минималната плата, а дел од нив и утрото зашто најверојатно ја преспале ноќта, бидејќи доцна беше пресконференцијата. Тоа да го расчистиме, а втора работа покачувањето на платите кои не се дел од минималната плата е дел на колективно договарање, а тоа колективно договарање има свои партнери. Во одредени сектори ние веќе имаме зголемување на платите особено во делот на здравството, негувателите, а имавме обид и за наставниот кадар, поднесовме закон во Собранието за трансформирање на работниот однос на 4700 наставници од определено на неопределено време, при што беше дефинирано и платата да расте со коефициент кој е поврзан со минималната плата. Година дена ВМРО-ДПМНЕ го блокираше тој закон и после блокирање на тој закон тие сега ќе поднесувале амандмани, епа еве нека поднесат ама нека излезат пред работниците да кажат дали биле ЗА минимална плата и дали го блокирале законот за трансформација на наставниците при што ќе имаше усогласување на платите со минималната плата. Тоа прво да одговорат па ќе зборуваме за амандманите кои ги даваат на закон за кој беа против. Вечерта станаа ЗА, кажа Ковачевски.