По инструкции на Министерството за надворешни работи, Амбасадата на Република Бугарија во Скопје испрати нота во која изразува длабоко жалење за вандалскиот чин, по заедничкото одбележување на 150-тата годишнина од Гоце Делчев на 4 февруари во Скопје, велат од бугарската Амбасада во Скопје за БТА.

Причина за нотата е кинењето на тробојните ленти од венците што бугарската делегација ги положи на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, од непознати сторители веднаш по заминувањето на бугарската делегација.
На социјалните мрежи беше објавено видео од она што се случи.

Во нотата се наведува дека овој чин не придонесува за духот на добрососедството и напорите на двете страни за интензивирање на билатералниот дијалог.

Бугарската страна инсистира надлежните органи во Република Северна Македонија да ги идентификуваат и казнат сторителите.

Од своја страна Министерството за надворешни работи на РС Македонија објави дека го осудува остро вандалскиот и непријатен инцидент, којшто се случил на денот на одбележувањето на 150-тата годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, кој што во соопштението е наречен „нашиот најистакнат револуционер“.

Од МНР велат дека делото е извршено од членови на навивачки групи и информираат дека компетентните органи веќе ги преземале неопходните мерки за откривање на сторителите.

Извор: Трибуна