Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети на средбата што денеска ја остварил со амбасадорот на Кралството Шпанија, Хозе Луис Лозано Гарсија истакнал дека сегашниот модел со шест изборни единици е посоодветен од моделот со една изборна единица. Според него, за промена на Изборниот законик и изборните единици потребни се поширок консензус и усогласеност со сите политички фактори во државата, а прашањето треба да се постави на расправа во Собранието.

Ахмети и Гарсија заклучиле дека изборите не се решение во моментот бидејќи земјата оди напред и дека интеграцискиот процес не треба да биде блокиран и решавањето на сите спорови со соседните земји е позитивно за Република Северна Македонија во приклучувањето кон големото европско семејството.

За време на разговорот, Ахмети го запознал шпанскиот амбасадор Гарсија за новата динамика на разговорите за решавање на спорот со Бугарија, посетите на Скопје и Софија, воспоставувањето дијалог и акцискиот план на работните групи и добрата политичка волја за решавање на отворените и прифатени прашања од двете страни.