Апелацискиот суд му ја укина мерката куќен притвор на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски кој е првообвинет во случајот „Софтвери“, откако судот ја прифатил понудената гаранција од Рашковски во износ од 192.980 евра која се состоела од ставање хипотека на недвижен имот, се вели во одлуката на Апелацискиот суд.

Инаку, Рашковски и уште шест лица во случајот „Софтветри“ се обвинети дека ја злоупотребиле службената положба при спроведување на четири постапки за јавна набавка на систем за биометриска идентификација, софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и јавни набавки на камери и опрема за препознавање на регистарски таблички, според Основното јавно обвинителство.

Во обвинението е наведено и дека Рашковски од јуни 2017 до мај 2021 пуштил во оптек пари, околу 87 илјади евра, за кои знаел дека се од кривично дело и тие пари ги распределувал на сопствените сметки и банкарски картички, како и на сметките на своето семејство, а исто така предвреме си ги исплатил и претходно земените кредити. Обвинетите го оштетиле буџетот за над 300 илјади евра.

Во днешната одлука на Советот на Апелацискиот суд, составен од судиите Тања Милева која е претседателка на советот и членовите на советот Ѓоко Ристов и Лирие Елези Ајрулау, е наведено дека обвинетиот по укинувањето на мерката притвор има обврска да се јавува во Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд – Скопје, секој работен прв понеделник во месецот во 10 часот.