По неколкуте средби на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со помалите партии од власта од кои добија поддршка за измените на Изборниот законик, Беса е првата од албанската опозиција која се изјасни против промена на изборниот модел. Пратеникот Фадил Зендели по средбата со ВМРО-ДПМНЕ кажа дека тие се залагаат за три изборни единици, а за сите измени што ќе се прават според нив мора да има консензус од сите партии. Подготвени се да зборуваат за отворени изборни листи.
Во обид да добијат поддршка за измените во Изборниот законик, Милошоски за утре најави средба и со Алијанса за Албанците кои исто така се против и наместо една бараат осум изборни единици, а не ја исклучува можноста пратениците од ВМРО-ДПМНЕ следниве денови да се сретнат и со ДУИ, кои досега немаат јасен став, но претходно се залагаа да остане сегашниот изборен модел.
Алијанса на Албанците се залага за 8 изборни единици колку што има економски зони, додека ДУИ и Беса сметаат дека доколку се променат изборните правила, тогаш најприфатливо решение би било три изборни единици.