Предлог-законот за измени на Законот за минимална плата што го поднесе партијата „Левица“ е ставен на дневен ред на собраниската седница закажана за 10 овој месец.

Според веб страницата на Собранието, Предлог-законските измени се ставени како седма точка на дневен ред. Предлог-законот треба да биде донесен по скратена постапка, а со него се предлага висината на минималната плата да не биде пониска од 60 проценти од просечната исплатена нето-плата во последните три објавени месеци, согласно со податоците објавени од Државниот завод за статистика.

Предлог-измените се во согласност со барањата на Сојузот на синдикати на Македонија, кој лани поднесе иницијатива до Собранието за измени на Законот за минимална плата.

Поради зголемените трошоци за живот и енергетската и ковид кризата, Синдикатот бара минималната плата веднаш да биде зголемена на 18.000 денари. За ова прашање денеска во 15 часот ќе заседава и Економско-социјалниот совет во кој покрај синдикатите партиципираат и работодавачите и Владата.