Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека посетата на премиерот Кирил Петков на Република Северна Македонија била избрзана и може погрешно да се протолкува. Секоја избрзана акција на бугарската влада, секој позитивен прелиминарен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна, изјави Радев.

На новинарско прашање за средбата на претседателот Стево Пендаровски со ОМО Илинден, Радев рече дека постапките и однесувањето на македонскиот претседател не придонесуваат за толку посакуваниот напредок на РСМ кон ЕУ.

-Секое барање за реципроцитет во граѓанските права е контрапродуктивно. Македонските Бугари се борат за еднаквост, која ќе биде загарантирана во нивниот устав со регистрирање. Тие се борат за нивна целосна интеграција во јавниот живот на државата. Тоа е радикално различно од сепаратистичките ставови и малцинските тврдења што ги исповедува народот со кој се среќава претседателот Пендаровски, додаде бугарскиот претседател, одговарајќи на на новинарски прашања пред неговото учество на настанот „Светот напред 2022“ во организација на „Економист“ во Софија.

Но, за разлика од него, премиерот Петков останува на својот став. Според него тоа што тој прв дошол во Скопје, не само што не е избрзано, туку и задоцнето цели 30 години.

-Вистината е дека Бугарија изгуби 30 години во тие односи. Мојата посета не само што не е избрзана, туку и ужасно задоцнета. Не јас како премиер, таа беше задоцнета бидејќи бугарската страна треба да има активна позиција, да има конструктивен тон на дејствие, да има јасни цели и точен пристап“, изјави Кирил Петков, премиер на Бугарија.