Извршната власт не би требало да има допирна точка со судската власт кога станува збор за донесување одлуки во судството и обвинителството, смета новиот министер за правда Никола Тупанчески.
„Нема да биде лесно, но можам да ветам дека Министерството за правда ќе создаде услови за добро и непречено работење на сите сфери од правосудството, не само судството и обвинителството, туку и нотарите, медијаторите, извршителите и Управата за водење на матични книги“, изјави Тупанчески во емисијата „Утрински брифинг”.
Министерот наведе дека не е лесно да се извади документ од Управата за водење матични книги и според тоа очигледно е дека нешто не функционира како што треба.
„За мене е непојмливо да не работи телефонската линија во Управата за водење матични книги. Лоцирани се дефектите и сега треба најбрзо што може да се исправат. Сѐ може, само системот треба да стане функционален“, додаде Тупанчески.
За прецепцијата на јавноста дека правосудниот систем е најкорумпиран, тој вели дека нештата може да се средат и подобрат.
„Министерот не е судија и обвинител, но Министерството мора да обезбеди услови за работа. Постојат можности. Јас ќе продолжам со политиките на претходниот министер и тоа ќе биде надградено. Има сфери каде што треба промптно да се интервенира“, вели министерот Тупанчески.
Прашан за истрагите на обвинителствата кои траат со години, тој истакна дека овие институции немаат доволно луѓе и дека министерот не може да врши притисок.
„Никој не може да ме убеди дека нема обвинител кој не погрешил. За тоа води сметка Советот на јавни обвинители. Обвинителот треба да го каже она што го има во судница, но Обвинителството не смее да биде затворено з а јавноста, треба да кажат што сработиле. Нивната работа е мерлива. Ќе треба да се сменат некои работи оти јавнообвинителската работа е правораздавање“, вели Тупанчески.