Весна Бендевска, претседателката на Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација, информира дека откако е формирано ова тело досега бил доставен само еден поднесок за дискриминација поради бугарско самочувство.
Тоа се случило на крајот од минатата година, иако жалителот претходно навел дека е етнички Македонец.
„При крајот на минатата година беше поднесена само една постапка од граѓанин кој се пожали дека е дискриминиран на работното место – вработен во мала рурална локална самоуправа – поради неговото лично чувство дека има бугарско потекло. Ние сме должни да ја прашаме и другата страна. Одговорот беше интересен. Секој вработен во образецот М1/М2 се изјаснува по националност. Жалителот тука се изјаснил како етнички Македонец, па оттука не му е нарушено правото на еднаквост со неговото сменување од работното место“, изјави Бендевска во гостување во емисијата „Утрински брифинг“.
Таа ги повика граѓаните кои се чувствуваат дискриминирано по кој било основ- етнички, родов, сексуален, политички и други основи, да поднесат претставка до Комисијата.