Министерството за финансии утре и задутре е домаќин на владина делегација од Република Бугарија предводена од министерот за иновации и раст Даниел Лорер, кој заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими ќе копретседава со првиот состанок на Работната група за економија, трговија и иновации.
На состанокот во Скопје од македонска страна меѓу другите ќе учествуваат вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и директорите на Развојната банка на Северна Македонија Кире Наумов, на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, Агенцијата за странски инвестиции Беким Емини. Додека во делегацијата од Република Бугарија, која ќе учествува на состанокот се министерот за иновации и раст Даниел Лорер, заменик-министерот за финансии Андреј Цеков, заменик-министерот за земјоделство Атанас Добрев, директорот на Извршната агенција за промоција на мали и средни претпријатија Бојко Таков, директорот на Бугарската банка за развој Валентин Михов и други претставници на институции.
Меѓувладината работна група беше формирана минатата недела во Софија за време на одржувањето на меѓувладината седница на која ги утврди приоритетите на работа и динамиката на одржување на состаноците, согласно која ќе се состанува еднаш месечно. Нејзините активности ќе бидат насочени кон зајакнување и интензивирање на економската соработка во сферите на трговијата, инвестициите, иновациите, финансиите и заеднички настап во ЕУ програмите и фондовите, како и соработката со економските комори.