Министерот за надворешни работи Бујар Османи в петок на 28 јануари ќе присуствува на седница на собраниската Комисија за надворешна политика, информираат од МНР.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и претседател на Комисијата за надворешна политика Антонијо Милошоски, претходно денеска информира дека преку писмо побарале од шефот на дипломатијата да дојде на седница на собраниската Комисија и да ги достави одговорите кои што македонската страна ги има испратено до официјална Софија за таканаречениот „план 5+1“, откако во декември го одбил нивното барање, што е вели негова законска обврска за отчет пред Парламентот.

– Ова го бараме затоа што сметаме дека не е транспарентно и не е демократски доколку пратениците во софиското Собрание знаат она што македонските пратеници не го знаат и македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи. Дали има нешто да се крие или има нешто да се разговара со сите пратеници, изјави Милошоски.

Во писменото барање се предлага седницата да биде отворена за јавноста и да се одржи што е можно поскоро или од 26 јануари до 15 февруари годинава.