ВМРО-ДПМНЕ бара да се укине Пржинската влада и веднаш да се распишат предвремени избори, без 100 дена техничка влада. За таа цел, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалициските партнери денеска во Собранието достави Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Влада.
Како што кажа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, со овој предлог бараат бришење на одредбите за начин на избор на Влада кои предвидуваат сто дена пред избори да се избере нова преодна Влада.
„Во овој период, кога имаме кризни ситуации поради енергетска криза и во земјата владее општ хаос, Македонија не може повеќе да губи ниту ден, а не пак 100 дена техничка влада која нема да реши ниту еден од проблемите на граѓаните. Затоа, бараме овој наш Предлог-закон да биде ставен на дневен ред на 61 седница која треба да се одржи в среда“, рече Мицевски.
За што побрзо да се одржат предвремени избори, како што кажа Мицевски, предложено е Предлог-законот да се донесе по скратена постапка.
Од СДСМ велат дека предвремени избори нема да има, а за укинување на техничка влада потребен е претходен консензус.
После губењето на власта ВМРО-ДПМНЕ беше против укинување на пршинската Влада и мора да констатирам дека прво добро е што ВМРО-ДПМНЕ после толкав период признава дека нашата држава има институции коишто можат да спроведат фер и демократски избори и за разлика од 2016 година кога нашата држава беше категоризирана како заробена држава денес е држава којашто може да спроведе такви избори признаени од сите, фер, демократски и слободни кредибилни избори.
Во врска со тоа што го наметнува ВМРО-ДПМНЕ како прашање и како теза спориме две работи. Првата работа иако на одговор на прашање дека техничката Влада не е условена со одржување на предвремени парламентарни избори јасно е на стартот и на сите изјави дека условувањата се со предвремени парламентарни избори. Затоа сакам да спорам две работи за овој нивни предлог. Првата е начинот на којшто е доставен овој предлог а тоа значи дека и според договорот пржински значи дека измените на Законот за влада треба да биде консензус помеѓу четирите најголеми политички партии во Собранието а не на ваков начин со еднострано изразена волја на една партија, вели Јован Митрески координатор на пратеничка група на СДСМ.