ДУИ смета дека какви било промени на Законот за влада заради укинување на т.н. пржинска Влада треба да се направат во согласност со најголемите политички партии. Од партијата велат дека начелен договор постои за укинување на оваа техничка или пржинска влада, но, оти предлогот треба да биде по постигнат консензус за таквото решение. За таков консензус има време, велат од партијата, оти предвремени парламентарни избори нема да има, туку редовни во 2024 година.
Предлогот, како што појасни Арбр Адеми од ДУИ, го добиле денеска на координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери.
-Тој Предлог-закон се разгледува од нас како партија. Добро е да има консензус имајќи ја предвид воспоставената пракса за донесување на вакви значајни законски решенија од порано и овој Закон кој се изменува и дополнува е донесен и предложен со консензус. Треба да се следи таа пракса. Иако има договор за укинување на пржинската влада, техничката влада, имајќи предвид дека не е логично земја членка на НАТО и земја аспирант за да почне и официјално преговори со ЕУ да има техничка влада за спроведување на избори поради немање доверба кај институциите. Така што остануваме на ставот дека треба со консензус да се предлага ваков предлог-закон . Имаме време пред нас, за да се анализираат најдобрите решенија околу ова прашање, евентуално и други прашања кои би требало да се дорегулираат во Законот за владата, рече Адеми.
Немаме против, вели Адеми и додава дека ДУИ има договор и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката или пржинската влада.
-Вие знаете дека секогаш за ваквите законски решенија претходеле преговори, дискусии помеѓу политичките партии и затоа не е добро еднострано да се предлагаат. Затоа велиме дека врз основа на тој договор постигнат помеѓу ДУИ и двете најголеми политички партии од македонскиот блок треба да се реализира, но, секако за тоа треба консензус помеѓу политичките партии за да се преточи во конкретни законски одредби, реле Адеми.
Тој додде дека немале време да го разгледаат Предлог-законот, но, како што потенцира, за него или пак за измени и дополнување на Изборниот законик или за донесување на потполно нов изборен законик треба да има преговори, широк консензус – меѓуетнички и меѓупартиски.
И ДУИ како и СДСМ, вели дњка предвремени парламентарни избори нема да има.
-Ние избравме Влада, максимално и даваме поддршка на Владата. Парламентарните избори се предвидени во 2024, така што ние сме концентрирани на реализирање на владината програма. За таа програма дадовме доверба, гласавме и за кадровските решенија, но и за програмските определби на Владата, така што максимално сме фокусирани на политиките, на мерките и проектите кои се предвидени во владината Програма, рече Адеми