Омикрон силно се проби во Нов Зеланд и брзо се шири, рече премиерката Џасинда Ардерн најавувајќи дека во земјата ќе бидат на сила рестрикции на највисоко ниво.

Па така, епидемијата на новиот сој на коронавирус ја принуди Ардерн да ја откаже и сопствената венчавка со Кларк Гејфорд што беше планирана во Гисборн, на источниот брег на Нов Зеланд.

Ардерн денеска порача дека владата ќе се обиде да го забави ширењето на Омикрон, но, сеедно, се очекуваат над 1.000 инфицирани лица на дневно ниво во наредниот период.

Знам дека ваквите бројки се загрижувачки. Ќе направиме сè што можеме да го забавиме ширењето на вирусот и да го намалиме бројот на заразени лица, истакна Ардерн.

Премиерката нагласи дека Омикрон сојот е детектиран кај девет лица во едно семејство кое отпатувала на венчавка во Оукленд. Според проценките, на семејната веселба присуствувале околу 100 лица. Позитивна била и стјуардеса на нивниот лет која од тогаш опслужувала патници во авиони на уште неколку дестинации.