Според информациите од МЗ на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести не се разговарало за укинување на сертификатите и за носењето заштитни маски од учениците со започнувањето на второто полугодие од учебната година. За овие прашања ќе се разговара дополнително на некои од наредните состаноци на Комисијата

– Комисијата за заразни болести денеска препорача скратување на периодот од 10 на седум дена изолација за ковид-позитивните пациенти, но не разговарало за ковид-сертификатите и за укинување на носењето заштитни маски за учениците – соопшти Министерството за здравство.

Заклучоците на Комисијата за зарази болести се препораки, а дали тие ќе бидат прифатени одлучува Владата на предлог на Министерството за здравство, а врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести и одобрување од Главниот кризен штаб.

Денешната препорака ќе се најде на дневен ред на седницата на Кризниот штаб во понеделник, а во вторник веќе треба да се најде на владина седница.

Од Министерството се наведува дека состојбата будно се следи. Во однос на капацитетот на болниците, според МЗ, анализите во моментот укажуваат на тоа дека сè уште има капацитет за сместување, но, сепак, со оглед на околностите, на денешната седница е дискутирано и за потребата од брза реакција доколку сликата се смени и болниците се преполнат.

Во такви околности Министерството за здравство веднаш би ги ставило во функција останатите капацитети на јавно-здравствените установи.