-На денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, изнесени се дрски лаги и конструкции во врска со работењето на претпријатието „Градски паркинг“ под раководство на Борче Јакимовски, кадар на Демократскиот сојуз, вели Зоран Димитровски, генерален секретар на ДС.
Како што вели тој, повеќе од еден месец, Демократскиот сојуз и други партии од владејачката коалиција се предмет на неосновани напади од Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ.
-Демократскиот сојуз ги демантира и со индигнација ги отфрла сите напади, дека на било кој начин, било кој од Демократскиот сојуз, кој извршува функција, е вклучен во криминал. Овие напади од ВМРО-ДПМНЕ ги сметаме како обид за уцена да не бидеме и натаму дел од парламентарното мнозинство. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ најмалку можат да напаѓаат, паушално и неосновано, од Белата зграда, градена со капитал стекнат на криминален начин. Тие се партија против чие раководство се водат голем број кривични постапки, а поранешни највисоки државни функционери се осудени на правосилни казни затвор за тешки облици на криминал и корупција. Досега никој не добил гратис карта за паркирање, ниту пак за бесплатно паркирање. Списоци нема, тие се конструкции и фалсификати на актуелниот директор, за што ќе следи кривична тужба. Претпријатието работи согласно законите и одлуките на градоначалникот и Советот на Град Скопје, вели Зоран Димитровски.