ЛДП се огласи со соопштение во кое се вели дека Мицкоски прави обид за пуч во нивната партија.
-Јасно е како ден дека актуелниот директор на Универзална сала, кој во јавноста ги пласира невистините за претседателот на ЛДП, е во тесна спрега со опозицијата. Затоа, ЛДП, јавно ја повикува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да ги објави финансиските извештаи за работењето на Универзална сала, особено делот за незаконско работење , за кој беше обвинуван актуелниот директор на прес конференциите на ДПМНЕ, за време на изборната кампања, велат од партијата ЛДП.
Ова е соопштението на ЛДП:
Срамно е што киднапираната ДПМНЕ си дозволи да користи ниски методи за уцена на поединци со цел нанесување на штета на угледот на претседателот на ЛДП и инсталирање за нив „подобен“ претседател кој ќе ја реализира агендата за враќање на власт на нереформираното ДПМНЕ.
Ниту претседателот Горан Милевски, ниту пратениците, ниту бил кој друг член на раководството на ЛДП, не можете да ги заплашувате со вакви лаги кои ги пласирате преку соопштенија, бидејќи своите функции ги обавуваат чесно, во согласност со законите.
Довербата на граѓаните не можете да ја добиете со неоснована црна пропаганда кон политичките опоненти, туку само со проекти и активности. Заслепени од желбата да делите нови концесии за хидроцентрали, градежни маркици и милионски тендери, како во златните времиња на вашиот ментор Груевски, не ви овозможува да ја согледате реалноста во државата која незапирливо се реформира и нема да дозволи криминалците повторно да ја намирисаат власта.
Мора да разберете дека во политиката не се сите исти. Особено не се како вас, кои од Македонија направивте приватен криминоген вилает.
Времето на промени на системот е започнато и бидете убедени дека такви нереформирани само ќе сонувате за власт, велат од ЛДП.