Првиот вицепремиер на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска имаше средба со високиот комесар на ОБСЕ одговорен за малцинските прашања, амбасадорот Каират Абдрахманов.

На оваа средба, како што информираат од кабинетот на Груби, двјцата соговорници разговарале за човековите права и слободи за кои Република Северна Македонија може да се земе како пример не само во регионот, туку и пошироко.

Груби го информирал комесарот Абдрахманов дека Северна Македонија го имплементирала Охридскиот договор, од кој имаат произлезено правата и слободите за сите не мнозински етнички заедници во земјата. Покрај Охридскиот договор, Груби и Абдрахманов разговарале и за Преспанскиот Договор и Договорот за добрососедство со Република Бугарија.

– Првиот вицепремиер Груби предложи формирање на Институт за спречување конфликти во склоп на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во тесна соработка со Канцеларијата на ОБСЕ за промовирање на позитивните практики од Охридскиот Рамковен Договор, во кој случај комесарот Абдрахманов со ентузијазам ја прифати оваа иницијатива за соработка, посочуваат од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Првиот вицепремиер Груби ги истакнал и приоритетите на Владата, а тоа се активностите што Република Северна Македонија треба да ги преземе сега пред почетокот на преговорите за членство во Европската Унија.

Двајцата соговорници разговарале и за улогата на ОБСЕ во сите демократски процеси, но и за предизвиците и предностите што ќе ги има Северна Македонија за време на претседавањето со ОБСЕ.

Претседавањето со ОБСЕ за Република Северна Македонија претставува трансформациски процес бидејќи со овој чекор ние стануваме придонесувачи на политиките ширум светот, наведуваат од кабинетот на Груби.