ЈСП Скопје се јави со писмена реакција на обвинувањата на Попов, советник од СДСМ во Советот на Град Скопје. Тој утрово обвини дека наместо бесплатен превоз, кој што го ветуваше новата градоначалничка, се уништува работата на ова претпријатие и воедно се поскапува превозот со воведување на дневен билет од 120 денари.
-СДСМ има најмалку право да зборува за проектите на ЈСП, претпријатие коешто стана еден од најголемите загубари изминативе четири години. Претпријатието е водено несовесно од претходното раководство и поради тоа се наоѓа во толку лоша состојба.
ЈСП ќе стане вистински сервис на граѓаните, бесплатниот превоз е реалност што ќе се спроведе. Во интерес на јавноста е да се објасни дека превозот не се поскапува, туку се воведува нова услуга. Станува збор за билет за повеќекратно користење во текот на денот што значи поевтинување на превозот за оние кои имаат потреба од негово користење.
Новото раководство на ЈСП Скопје ќе продолжи да применува проекти во интерес на корисниците на јавниот превоз, користејќи ги сите расположливи ресури и капацитети на претпријатието, се вели во реакцијата на ЈСП.























