Епидемиологот проф.-д-р Драган Даниловски во изјава за НОВА ТВ вели дека очекува бројот на заразени во следните денови експлозивно да расте, но не и бројот на хоспитализирани и починати.

„Останувам на својот став искажан прв пат уште на 28 ноември, кога омикрон се ширеше само во Јужна Африка: Бројот на заразени експлозивно ќе расте! Но, бројот на хоспитализирани нема да ја следи таа динамика – ниту на умрени… Ова ќе биде масовно здобивање со природен имунитет – природна „трета“ (или „четврта“) доза на имунитет против короната. Исходот ќе биде – збогување со пандемијата на ковид во Македонија напролет“, вели д-р Даниловски.

„Од една страна, омикрон со крупни чекори ја освојува планетава! Од друга страна, вирусот на инфлуенцата (грипот) се бори за место под сонцето! И сега имаме ситуација кога сѐ почесто ќе се јавуваат комбинирани инфекции. Ништо спектакуларно! Сосема нормален развој на настаните!“, вели д-р Даниловски за НОВА ТВ.