Оставката на Зоран Заев на премиерската функција и од лидерското место во СДСМ, локалните избори, гласањето доверба на Владата и неизвесноста околу парламентраното мнозинство, продолжувањето на бугарската блокада за ЕУ, пожарот во модуларната болница во Тетоово, автобуската несреќа на „Струма“, но и спортските успеси – првото учество на ЕП во фудбал и олимпиското теквондо сребро од Токио, се некои од настаните кои ќа ја одбележат годинава што изминува. 
Локални избори
На 17 октомври 2021 година се одржаа локални избори во 80 општини и во Градот Скопје. Вториот круг на локалните избори се одржа на 31 октомври. Изборите ги распиша собранискиот претседател Талат Џафери на 6 август 2021 година. Изборната кампања траеше од 27 септември до 15 октомври. Првпат на овие локални избори беше употребен систем за биометриска идентификација на гласачите со отпечатоци од прсти.
Најмногу градоначалнички места – 42 освои ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ освои 16, а ДУИ 11. Со ова ВМРО-ДПМНЕ освои 37 градоначалнички места повеќе од претходните локални избори, СДСМ 41 помалку, а ДУИ едно повеќе.
Вечерта по завршувањето на вториот круг од локалните избори, поради лошите резултати оставка најави претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев.
Најави за ново параментарно мнозинство и гласање за доверба на Владата
На 5 ноември лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека е обезбедено ново мнозинство од 61 пратеник во Парламентот заедно со Движењето Беса, Алијансата за Албанците, Алтернатива и Левица.
Седницата за гласање недоверба на Владата беше закажана за 11 ноември. На седницата не присуствуваа пратениците од ДУИ и СДСМ. Двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои беа позитивни на Ковид-19, облечени во скафандери дојдоа во Собранието, за да присуствуваат на гласањето за недоверба на Владата на премиерот Зоран Заев.
На седницата не дојде пратеникот на Движењето Беса, Кастриот Реџепи, по што пропадна обидот на опозицијата за рушење на Владата.
По неуспехот да се изгласа недоверба на Владата, Алтернатива, која беше дел од иницијативата за ново парламентарно мнозинство, почна преговори со премиерот Зоран Заев за влез во Владата. По завршувањето на преговорите, највисокото тело на партијата, Централниот совет на 4 декември одлучи Алтернатива да биде дел од Владата и од парламентарното мнозинство.

Причина за влегување на Алтернатива во Владата, како што наведе партијата беше историскиот момент за отворање на преговорите за членство во ЕУ и затворање на спорот со Бугарија како цели на државата.

Оставка на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев

Откако по завршувањето на локалните избори премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев најави оставки од двете функции, на крајот на ноември тој поднесе оставка во партијата која највисоките партиски тела на СДСМ, Извршниот и Централниот одбор, на 26 ноември ја прифатија и одлучија новиот претседател да се бира на внатрепартиски непосредни избори на 12 декември. На овие избори имаше тројца кандидати, а за нов претседател на партијата беше избран Димитар Ковачевски, кој партиската функција ја презеде на 15 декември.
Премиерот Зоран Заев оставката на премиерската функција до претседателот на Собранието ја достави на 22 декември, најавувајќи притоа дека нема усмено да ја образложува.

– Во вакви услови за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам владата на евроатланскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, наведе Заев.

Собранието на Република Северна Македонија на 23 декември на седницата за пратенички прашања ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев. Оставката беше констатирана без премиерот Заев усно да ја образложи. Оставката на премиерот повлекува оставка и на целата Влада.

По оставката на Заев, шефот на државата Стево Пендаровски на 29 декември му го довери мандатот на новиот мандатар Димитар Ковачевски. Мандаторот, согласно уставот во рок од 20 дена, од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Ковачевски кога му беше доверен мандатот најави дека планира составот на новата Влада да го предложи околу 10-11 јануари.

Уште еден позитивен извештај и препорака за преговори со ЕУ годинава, но и две вета од Бугарија 
И покрај силниот ангажман и дипломатските обиди на португалското претседателство со ЕУ за посредување за надминување на блокадата, Бугарија остана на ветото на редовниот состанок на Советот за општи работи во Луксембург, на 22 јуни 2021. Софија продолжи да инсистира дека преговарачката рамка за Северна Македонија треба да содржи гаранции за спроведување на Договорот за пријателство од 2017 година.
Напорите за време на претседателството на Португалија и изнесената иницијатива која беше модификација на германскиот предлог за решение на блокадата, не дадоа резултат. Приликите беа усложнети бидејќи по предвремените парламентарни избори во Бугарија во април, не дојде до формирање политичка влада.  па беше назначена техничка влада со задача да организира нови избори и без потребниот политички мандат да одлучува.
Второто вето од Софија во 2021 дојде на крајот на словенечкото претседателство. На Советот за општи работи на 14 декември во Брисел земјите членки на ЕУ не постигнаа договор за одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на годинава поради бугарската блокада. Во заклучоците од состанокот беше усвоена формулацијата „за одржувањена првата меѓувладина конференција што е можно побрзо по усввојувањето на преговарачката рамка“.
Во засебна изјава поднесена до Советот на ЕУ во врска со отпочнувањето на преговорите со Северна Македонија, Бугарија најавува дека нема да отстапи од своите барања и ќе го услови усвојувањето на преговарачката рамка со инкорпорирање на дополнителни одредници за отворање на првиот кластер во форма на патоказ за имплементација на Договорот за пријателство. Во истата изјава Софија наведува и дека усвојување на преговарачката рамка не претставува автоматизам и за одредување датум за првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ.
Отворен Балкан

На 29 јули во Скопје премиерот Зоран Заев со албанскиот колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ во присуство на повеќе од 350 претставници од бизнис секторот од целиот Западен Балкан ја потпишаа иницијативата „Отворен Балкан“.

 

Лидерите на трите земји потпишаа договори за Заедничка реакција на природни и други катастрофи, Дозвола за граѓаните да работат во трите држави и за Помош за стоките да се движат без непотребно одложување.

Целта на иницијативата „Отворен Балкан“ е создавање една економија, без царини, без задржувања на границите и со сто проценти слободна трговија. Иницијативата не е ограничена само на трите земји и секоја друга држава од опкружувањето е добредојдена и може да се вклучи ако сака.

Пожар во модуларната ковид-болница во Тетово
Вечерта на 8 септември 2021 година избувна пожар во модуларната болница во Тетово каде се лекуваа пациенти болни од Ковид-19. Загинаа 14 лица, од кои според Јавното обвинителство, 12 биле ковид-пациенти, а две надворешни лица – роднини на пациентите.
Според извештајот за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица, несреќата се случила како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. По пожарот, министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани понудија оставка од морални причини, но, по објавувањето на извештајот, премиерот Зоран Заев информираше дека не ги прифаќа нивните оставки, за што опозицијата упати остри критики.
Истрагата за несреќата е се уште во тек. Во истрагата беа вклучени и четворица германски експерти.
Автобуска несреќа на македонски автобус во Бургарија, загинаа 45 лица
Сообраќајна несреќа на македонски автобус во која загинаа 45 лица, а седум беа повредени се случи на автопатот „Струма“ во Бугарија. Автобусот беше сопственост на Беса Транс, а се враќал од Истанбул кон Скопје.
Повредените патници беа сместени на лекување во болницата во Пиргов и сите беа надвор од животна опасност. По завршувањето на идентификацијата со ДНК анализи, телата на починатите со воени транспортни авиони беа пренесени во Скопје на 3 декември 2021 година.
Според последните информации од Бугарија истрагата е при крај. Се очекуваат само резултатите од вештачењата – судско-медицинска, техничка и пожарно-техничка. Тие беа најавени за пред крај на декември, но, се уште не се објавени.
Податоците од досегашната истрага во моментот покажуваат дека брзината на автобусот најверојатно била несоодветна со условите на патот, а ноќта на инцидентот врнел дожд и патот бил влажен. Тие укажуваат и на тоа дека нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките. Постои можност да придонеле придонеле за несреќата, но возачот морал да биде повнимателен и да вози со соодветна брзина.
Досега истрагата покажува дека автобусот од се уште непозната причина скршнал надесно и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот. Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.
Пожари
Во август земјава на повеќе места ја зафатија пожари. Во справувањето во пожарите беа вклучени и силите на Армијата, а на помош во гаснењето дојдоа и екипи од Австрија, Словенија, Бугарија и Романија.
Според Извештајот на ЈП Национални шуми за штетите од вкупно зафатените 9.907 хектари, 8.803 отпаѓаат на површини со шуми или завршиле во шуми, при што изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса.
Согласно оваа информација, Владата го задолжи ЈП Национални шуми да донесе програма за пошумување со план за активности уште во текот на оваа есен. Дополнително, Владата го задолжи ова јавно претпријатие целокупната количина опожарена дрвна маса како последица од пожарите да остане во сопственост и со неа целосно да стопанисува ЈП Национални шуми.
Македонската фудбалска репрезентација првпат на ЕП

Македонската фудбалска репрезентација првпат учествуваше на Европско првенство. Првиот натпревар го игравме во Букурешт против селекцијата на Австрија. Македонската репрезентација играше во Ц групата со селекциите на Холандија, Украина и Австрија. Северна Македонија заврши на претпоследното 24-то место на првенството.

За разлика од претходните првенства овој шампионат се играше низ цела Европа, домаќини беа 11 градови: Амстердам, Баку, Будимпешта, Букурешт, Глазгов, Копенхаген, Лондон, Минхен, Рим, Севиља и Санкт Петербург.

Македонската фудбалска репрезентација учеството на ЕП го обезбеди по победата врз Грузија на баражот во Тбилиси на 12 ноември. Стрелец на победничкиот гол беше Пандев во 56. минута по одличната акција во која учествуваа и Елиф Елмас и Илија Несторовски.

Сребро во теквондо на Олимпијадата во Токио

Дејан Георгиевски го освои сребрениот медал во теквондо, во категорија над 80 килограми, на Олимписките игри во Токио, откако во финалето загуби од Русинот, Владислав Ларин, најдобро рангираниот натпреварувач на турнирот.

Георгиевски го освои првиот медал на Олимписки игри за Северна Македонија по пауза од 21 година. На патот до финалето, Георгиевски ги совлада актуелниот светски првак Рафаел Јуниер Алба Кастилјо од Куба со 11:8, репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане, со 9:4 и Кјо Дон Ин од Јужна Кореја со 12:6.