Зимскиот распуст на учениците треба да се продолжи барем за две недели, смета епидемиологот Сашко Олумчев. Според него ваквата мерка може да биде добра превентива за заштита од можно ширење на корона вирусот за време празниците.

Според него во овој период кога комуникацијата и контактите помеѓу луѓето се интензивираат најдобро е децата да бидат дома. На тој начин и да дојде до заразување на некој од нивните семејства тоа полесно ќе се контролира, а веројатноста за пренесување на поголема група ќе се намали.

,, Да имаме зимски распуст од еден месец во кој можат да се стабилизираат тие состојби. Ако некој се зарази ќе биде во домашни услови, може да се контролира и така натаму бидејќи рековме се работи за високо инфективна варијанта. Ако се зарази член на семејството многу брзо целото семејство ќе се зарази, но ќе бидат под контрола во домашни услови, а вака имате колективи како што се училиштата каде не дека тие деца не знаат, меѓутоа сепак зборуваме за мали деца за тинејџери кои не можат да се придржуваат кон тие мерки како што треба да биде правилно. Сепак се работи за дека кои едноставно можат да се заштитат до некоја мера, не можат тие нон стоп да носат маска или да ја менуваат на секои два часа и така натаму, вели Д-р Сашко Олумчев – епидемиолог за Сител.

Доктор Олумчев е на став дека треба да се следи и примерот на повеќето држави кои преку тестови прават контрола на патниците. Вели доволни ќе бидат само брзи антигенски тестови кои не чинат многу. Како што вели тој на граничните премини Омикрон сојот влегува на голема врата со дијаспората која во голем број доаѓа од странство. Само во изминатите неколку дена над 50.000 наши иселеници допатувале во Македонија каде ќе ги минат празниците.