„Ние сакаме работите да станат побрзо, но земјата кандидат РС Македонија, има да исполнува важни критериуми“, изјави поранешниот министер за одбрана Бојко Ноев во емисијата „Денот започнува со Георги Љубенов“ на Бугарската национална телевизија.

Според Ноев четири години во односите Скопје-Софија ништо не се случувало и наместо по потпишување на Договорот тие да тргнат нагоре, заминале во надолна линија.

„Тие сметаа на меѓународниот притисок и прекинаа да го спроведуваат Договорот. Премиерот Петков заедно со својот тим треба да разбере какви се причините РС Македонија да го промени својот однос кон Договорот и неговото спроведување. Дали Бугарија не станала причина за тоа? Тоа е важно и треба да се направи како анализа“, изјави Ноев.

Поранешниот воен министер и дипломат истакна дека треба да се работи во насока кон обновување на довербата меѓу двете земји. Ноев даде пример со средбите на историската комисија кои според него треба да бидат јавни, бидејќи никој не знае што се зборува на нив.
Поранешниот министер подвлече дека Бугарија има едно просто барање, Бугарите да станат дел од Уставот на РС Македонија.

Ноев призна дека има притисок врз Бугарија, но подвлече дека Бугарија нема да ја промени својата позиција, посебно во однос на рамноправноста на Бугарите во РС Македонија.

„Политичарот кој што би направил ваква промена нема да остане ниту еден ден на власт. Затоа предлогот на претседателот Радев за свикување на консултативниот Совет за национална безбедност е многу важен. На ваков начин Радев му дава поддршка на Кирил Петков во оваа сложена ситуација. Кога опозицијата и други „душегрижници“ едвај чекаат да му направат некаков трик“, вели Ноев.

Според поранешниот дипломат прашањето за односите меѓу Софија и Скопје е многу комплицирано.

„Прашањето за односите со РС Македонија е извондредно деликатно и комплицирано. Радев подаде рака. Тој ќе ги покани сите политички сили, за да се види каде сме и што правиме“, истакна Ноев.

Видеото погледнете го овде.