Претседателот Стево Пендаровски му врати на премиерот Зоран Заев, кој изјавил дека е изненаден од изјавата на претседателот на државата дека е против Отворен Балкан. Пендаровски во Приштина изјави дека Отворен Балкан не може да биде алтернатива за ЕУ и ако се третира како таква, тогаш не се согласува со ова. Заев потоа за ТВ21 изјави дека не може да го разбере претседателот како може да е против Отворен Балкан.

„На оваа тема, во Кабинетот на претседателот Пендаровски како точка на дневен ред се разговараше и на првата лидерска средба во присуство на опозициските партии во 2019 година. Едногласен заклучок во однос на иницијативата „Отворен Балкан“, усогласен меѓу сите политички субјекти на таа лидерска средба беше дека нашата држава нема алтернатива на патот кон полноправно членство во ЕУ и дека доколку иницијативата „Отворен Балкан“ има таков карактер, таа не е прифатлива за ниту еден политички субјект во Република Северна Македонија.

Од неговиот кабинет велат дека претседателот Пендаровски никогаш не бил против зајакнување на економските процеси, олеснување на царинските процедури, слободниот проток на луѓе и капитал меѓу земјите на западен Балкан. Но, тоа што половина од државите во регионот не се дел од иницијативата „Отворен Балкан“ објективно го лимитира нејзиниот потенцијал.

Претседателот Пендаровски никогаш нема дадено изјава или донесено акт или одлука со која би бил против пријателството на народите во регионот и против нивната ЕУ перспектива. За жал, многу други политичари во регионот делуваат во спротивна насока“, стои во реакцијата.