Тендерот за изградба на брз автобуски превоз, односно Бас рапид транзит (БРТ) е стопиран, јавува СДК.мк.

Имено, новата градоначалничка на Град Скопје по преземањето на функцијата најави дека нема да го подолжи овој проект, а сега истиот официјално е прекинат.

Од нејзниот кабинет велат дека постапката е прекината и поради тоа не се пристигнати понуди.

„БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје. Според анализите кои биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје се укажува на бројни недостатоци и ризици од проектот кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи. Како што знаете во моментов се водат преговори со ЕБРД и по нивното завршување граѓаните ќе бидат информирани за договореното“, велат од Град Скопје за СДК.мк.

Претходно, Арсовска рече дека скопјани преку референдум ќе изберат која е најдобрата опција како решение за јавниот превоз, односно дали го сакаат проектот предложен од претходниот градоначалник Шилегов за брз автобуски превоз (БРТ) или пак ќе се одлучат за нејзиниот предлог за 250 еколошки автобуси.

Инаку, БРТ системот, познат како „автобуско метро“ беше еден од клучните проекти што ги објави и почна претходниот менаџмент на градот под раководство на Петре Шилегов.