„Бугарија веќе неколку дена има новоизбран премиер. За жал, една од првите вести во западниот печат ни соопштува дека ставот на Владата за прашањето на Македонија почнува драматично да се менува“ вели Ангел Џамбаски, бугарски европратеник и потпретседател на ВМРО-БНД, како реакција на изјавите на бугарскиот премиер Кирил Петков, цитирани од Financial times, дека Бугарија ќе и даде рок од шест месеци на РС Македонија да ги направи потребните чекори за да добие зелено светло за старт на преговорите со ЕУ.

„Можеби ова е дел од надворешниот притисок или насловите биле некако изменети. Но, премиерот Петков должи итно објаснување бидејќи бугарскиот став на темата Македонија не може да се смени. Тој почива на основниот факт дека Македонија е Бугарија, втора бугарска држава на Балканот, како што ние од ВМРО постојано изјавуваме. Бугарската позиција не може да биде променета поради притисок од некои западни партнери или од некоја конјунктура, па дури и од финансиите од европските фондови. Ова не може и не треба да се случи“, порачува Џамбаски.