Советот на амбасадори од Северна Македонија, предводен од претседателот Мухамед Халили, заедно со членовите на Извршниот одбор на Советот, Љупчо Арсовски и Тихомир Илиевски, остварија средба со поранешниот претседател на државата, Бранко Црвенковски.
Од Советот информираат дека клучна тема на состанокот биле досегашните и актуелни искуства на земјата кон идното членство во Европската Унија.
-Беа проценети и некои евентуални можности што се во доменот на надлежностите на граѓанските здруженија и активисти, како што е и македонскиот Совет на амбасадори или на угледни личности со претходни искуства на активни политички позиции, да се придонесе во напорите да се повлече блокадата со која подолго време Северна Македонија е соочена со утврдување датум за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, се вели во соопштението.
Од Советот велат дека согласно процентите, секое претходно политичко и државничко искуство би можело целисходно да се искористи во тој процес. Од таму додаваат дека го поканиле Црвенковски да ги истакне своите погледи и идеи во овој контекст, на трибина во организација на ова граѓанско здружение, што се планира за првите месеци од мандатот на идното, француско претседавање со Европската Унија.