Граѓаните да не користат антибиотици за превенција и третман на ковид-19 на своја рака, а лекарите рационално да ги препишуваат, апелира Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.

Од Агенцијата велат дека од почетотокот на ковид пандемијата, евидентирана е зголемена потрошувачка на антибиотиците, и затоа реагираат граѓаните да не се лечат по свое лично убедување и без претходна консултација со лекар или фармацевт.

„Ги потсетуваме здравствените работници на насоките за рационално користење на антибиотици, нивна употреба согласно индикационото подрачје како и издавање на антибиотиците во аптеките исклучиво на лекарски рецепт. Антибиотиците се индицирани за третман на бактериска инфекција, но не и вирусна“, реагира МАЛМЕД.

Министерот за здравство Венко Филипче уште од почетокот на коронакризата во март лани, апелираше до граѓаните дека не е добро на своја рака да се лекуваат со антибиотска терапија, откако во јавноста излегоа информации дека граѓаните масовно го купуваат антибиотикот „сумамед“.