Новиот бугарски премиер Кирил Петков сигнализира дека Софија е подготвена да стави крај на блокадата на европскиот пат на Северна Македонија. Вели дека ќе предложи куса, шестмесечна рамка за надминување на спорот

„Ќе и предложиме нов процес за Северна Македонија многу брз, со лимитирана временска рамка, долга само шест месеци“, најавува Кирил Петков во интервју за Фајненшл Тајмс.
Новоизбраниот бугарски премиер, кој предводи влада составена од четири коалициски партнери, вели дека сака 100 процентно да ја усогласи политиката на официјална Софија со онаа на ЕУ и НАТО.

Петков најавува дека сака нов почеток во разговорите со Северна Македонија.
„Ќе формираме работни групи за да најдеме решенија за прашањата од заедничката економска активност, инфраструктурата, културата и историјата“, вели тој.