Поради алармантно високиот водостој на река Брегалница и новите врнежи од дожд и снег, доцна синоќа Кризниот штаб на општина Штип, одржа состанок на кој се донесоа неколку превентивни решенија за заштита од излевање. Најкритични точки се кај бањата Кежовица и бунарите во населбата 8-ми Ноември, од кој градот се снабдува со вода за пиење.

-Екипите на јавното претпријатие во текот на ноќта ќе имаат контроли за да го следат водотојот на река Брегалница и можноста од евентуално излевање. Секако доколку има ваква состојба ќе бидат поставени вреќи со песок-изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

На состанокот на Кризниот штаб присустуваше и претставник на регионалниот  центар за управување со кризи, кој посочи дека будно ја следат хидролошката состојба на Истокот, посебно со големите акумулации и интервенираат таму каде што е потребно.

-Целата вода се слева во браната и немаме испуштање, затоа и не очекуваме да се зголеми нивото на реката Брегалница низводно. Инаку, утринава регистриравме околу 60 метри кубни вода во секунда влевање во браната Калиманци. Беровската брана е запрена од 10 часот, нема испуштање на вода, поради превентива да се одржи нивото на реката низводно- изјави Горан Ивков, регионален центар за управување со кризи.

Кај Ново Село, не мерното место се регистрира ниво на водната површина од над 2 метри, што е за околу 40 сантиметри помалку од точката на прелевање.