Христијан Мицкоски е реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот редовен 17-ти Конгрес. Тој практично беше единствениот кандидат кој се пријави, а делегатите кои гласаа му дадоа доверба за нов мандат.
Ова е дел од неговиот говор откако беше реизбран.
Пред 4 години најчестите квалификации кои партијата ги добиваше од пошироката јавност беше „најбогатата партија во источна Европа“, седиштето се ословуваше како „белиот дворец“, а внатре кабинетите велеа дека се од злато и што уште не. Јас поминав како претседател 4 години во ВМРО-ДПМНЕ ама уште кабинети од злато не видов, а сметката на партијата никогаш не беше попразна, додека во седиштето освен ентузијазмот мој и на тие што почнавме заедно да работиме и во саботите и во неделите, и ноќите и деновите немаше ништо од тоа што однадвор беше оценувано како луксуз.
Нормално кога партијата е во опозиција тие тапшачите на рамења први заминуваат,како и оние кои себеси се гледаат како лидери само кога власта е на дофат, но тоа остава простор да се засилат темелите, да се отворат прозорците, да се прочисти воздухот, да се направи една катарза, да се наполнат градите и да се тргне напред.
Многумина мои блиски пријатели кои се надвор од светот на политиката кога им ја соопштив намерата дека планирам да се кандидирам за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а сите од нив знаејќи ја состојбата во која се наоѓаше партијата тогаш, ми велеа дека не ми треба таа главоболка, дека имам успешна кариера и дека Европа, светот ни стои пред нас за освојување, работа, нови предизвици и такво редење на, како што нашиот народ вели, здрава нога во трн,ми е најмалку потребно.
Но, и тогаш, и сега, истите луѓе кои се однадвор не можат да ја разберат нашата емоција и чувства кои ги имаме кон зборот кој за нас има посебно значење -ВМРО, од чие говорење затреперува срцето, кон чие пишување се однесуваме со посебна почит и историско уважување, како и фактот дека кога е тешко човек не смее да отстапи.
Не сум човек кој се откажува, тоа не е во мојата природа, и кој, ако не ние, не се зафатиме со работата кога е најтешко. И кога беше најтешко имаше луѓе кои веруваа во мене и ме поддржаа, а јас верував во нив и во мојата цел, ВМРО-ДПМНЕ да ја реформираме и да ја вратиме на победничките патеки. Затоа што само силно ВМРО-ДПМНЕ ќе значи и силна Македонија.
Во Валандово од збор до збор се сеќавам на моите зборови со кои ја поставив дилемата дали ќе успееме и дали ние ќе бидеме генерацијата која ќе донесе промени и придвижување на Македонија. Одговорот кој тогаш го кажав, беше не знам. Но, дали со сета моја сила, знаење, одговорност и интегритет ќе се трудам да донесам успех? Одговорот беше да.
4 години подоцна ќе дадам одговор на оваа тогашна дилема. Сега знам дека ќе успееме. Повторно вложувајќи го сето наше знаење и способност за да успееме.
Ќе успееме затоа што нашата желба за успех е поголема од опцијата да доживееме неуспех, и затоа што поразот не е опција кога влогот е Македонија, нашата иднина, и иднината на нашите луѓе и семејства, изјави Мицкоски по Конгресот за реизбор за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, порача Мицкоски во својот говор.