Денес и вчера Комисијата одржа онлајн 16. редовна средба на која беа дискутирани неколку прашања важни за работата на Комисијата.

Во текот на два дена членовите на Комисијата повторно дискутираа по забелешките за учебниците по историја. Остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата. Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страната во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап.

По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка.

Во текот на двата дена членовите на Комисијата работеа и на усогласување на содржината на записниците од минатите средби, а беше договорен датумот и за следната средба која ќе се одржи на 24 и 25 февруари следната година.