Името кое се споменува како иден министер за здравство од редовите на Алтернатива, која сега влезе во владината коалиција, е Беким Сали. За ова и за други кадровски решенија од Алтернатива Сели дискутираше во Утрински брифинг.

-Бев во кабинетот на министерот за здравство на Османи во 2009 и 2010 година. Знам дека е кревок сектор особено со пандемијата, но сум спремен да ги изменаџирам сите предизвици како потенцијален кандидат, вели Сали.

Во услови на пандемија, при почетокот на пандемијата за Владата беше еден од хероите. Но, со текот на времето се виде дека пандемијата тешко влијае и врз неговиот портфељ.

-Знаете дека пандемијата беше предизвик и за најразвиени здравствени системи во светот. Ние се соочивме со истиот бран, а министерот Филипче успеа да изменаџира најмногу што можеше. И притоа има истоштување, поминаа веќе две години и четири или пет брана. Сметам дека треба освежување во секторот здравство и да се соочиме со пандемијата, вели Сали кои не сакаше конкретно да зборува за ова сѐ додека и ако не биде официјално предложен.

Ресорите и секторите со кои ќе управува Алтернатива се добиени по барање на Алтернатива, рече Сали за Утрински брифинг. Тој додава дека се партија која влегува во власта за да ја стабилизира.