Ако не бидат распишани избори, продолжува политичката борба на опозицијата, ќе критикуваме, но и ќе нудиме решенија, наговести Ѓорчев, Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник со неколку мандати во македонското Собрание.

Влатко Ѓорчев е во Вашингтон на покана на Парламентарниот Форум за безбедност во разузнавањето којшто е водечки собир за меѓународната безбедност и обезбедува соработка меѓу актуелни и поранешни парламентарци и владини официјални лица за зголемувањето на разбирањето на сојузниците на САД за глобалната закана од радикалниот исламски тероризам и од непријателските нации, истовремено креирајќи решенија за справување со заканите.

На маргините на настанот во Вашингтон, Ѓорчев даде интервју за Гласот на Америка. Меѓудругото изјави дека најдоброто решение во моментов се предвремени парламентарни избори за излез од кризата.

-Најдобро е да се оди на избори и тоа е најлогичен исход што граѓаните на Македонија го посакуваат. Видовме дека резултатите на локалните избори коишто се одржаа само пред само еден месец, јасно покажуваат волја за промена и делегитимирање на политиките на власта. Ова политичка трговија на која сме сведоци нема ништо добро да им донесе на граѓаните, изјави Ѓорчев.