И натаму расте неизвесноста дали може да се најде решение за деблокада на бугарското вето до декемврискиот Совет на ЕУ кој ќе се одржи во средината на декември, бидејќи очекувањата на Скопје не се совпаѓаат со сите пораки што доаѓаат  од  Софија. Главната дилема е – дали има време за решение во толку краток период? Владо Бучковски, специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, кому пред една недела му беше продолжен мандатот на оваа функција, за ДВ вели дека разговорите не се прават од денес за утре, туку траат подолг период.

 

„Петте точки се тема на разговори повеќе од една година. И за време на службената влада во Бугарија продолжи комуникацијата на нашето и бугарското МНР, на министерско и експертско ниво. При посетата на Софија, во јуни годинава, нашата делегација предводена од премиерот Заев разговараше со претседателот Радев и со службениот премиер Јанев за петте точки. Во октомври во Брдо кај Крањ, премиерот Заев на два пати разговараше со претседателот Радев, вториот пат во присуство на канцеларката Меркел. Тогаш, во јавно дадена изјава, Радев потврди дека се бараат конкретни решенија за 5 плус една точка. Чекавме Бугарија конечно да добие политичка Влада. Сѐ поизвесно е дека идната недела ќе добие нова влада предводена од Кирил Петков. Евентуалните конкретни резултати од преговорите водени досега, треба да се верифицираат од новата влада во Бугарија, потоа да се одржи Меѓувладина седница со претседавање на двата министри за надворешни работи. Јас лично сум оптимист дека ќе има резултат, но за нас е побитно – кога? Ние очекуваме еден од приоритетите на новата влада во Бугарија да биде токму ‘македонското прашање’. Впрочем, извесниот иден премиер Петков, тоа го навести во интервју за Дарик Радио пред 4 дена“, потсетува Бучковски.