Поранешниот шеф на кабинетот на Никола Груевски, Мартин Протoѓер, и негов некогашен најблизок соработник, ја потврди тезата на обвинителката Лиле Стефанова во случајот „Плацеви на Груевски“, сведочејќи дека Груевски лично му кажал оти купил плац од 10.000 евра.

Протoѓер, како сведок во „Плацовите на Водно“, прво, раскажуваше дека во партијата работел од 2005 кога станал шеф на кабинет на Груевски и го сметал за близок човек со кого често разговарале за различни теми од секојдневието, па често и за тоа што би правеле откако ќе им завршат функциите во владата, каде би живееле…

-Нему и лекарите поради одредени хронични состојби му препорачуваа да живее на повисоко место. Тој беше некако запнат за локација како Сопиште итн. Сакаше да живее во куќа, постојано кажуваше дека така ќе најде мир и дури еднаш во една прилика се сеќавам дека се врати од гости кај еден поранешен политичар кој живее во огромна куќа, со огромен двор на периферијата од Скопје и раскажуваше импресиониран дека убаво му било средено. Тоа се нормални разговори кои беа како еден вентил од напорното секојдневните, во принцип што би било кога би било,   рече Протoѓер.

Груевски, сведочеше Протуѓер, за оваа тема околу Сопиште зборувал уште од 2009, а локација таму барал и во 2016. Тоа му паднало чудно, како што рече затоа што експремиерот во меѓувреме спомнал дека купил земјиште на Водно.

Протoѓер зборуваше и за тоа дека СДСМ како опозиција подоцна излегле со обвинувања дека Груевски си купил земјиште на Водно.

-Подоцна, тогашната опозиција ја отвори таа тема и јас си помислив дека се работи за тоа што еднаш ми го кажа тој, но тогаш кога разговаравме ми рече ‘знаеш нема ништо, ова не е точно, дематирај’. Ние испративме демант и потоа и тој лично сам демантираше,  рече Протoѓер.