Општина Брвеница со јапонски грант ќе обезбеди комунално возило во износ од 67.026 евра со кое треба да го подобри квалитетот на комуналните услуги за граѓаните на општината. Новото комунално возило ќе му овозможи на општинското јавно комунално претпријатие да пристапи и до поодалечените села во општината со цел да обезбеди одлагање на отпадот.

Договорот за реализација на проектот за обезбедување на комуналното возило го потпишаа амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада и градоначалникот на Брвеница, Јовица Илиевски, во присуство на директорот на Општинското јавно комунално претпријатие „Вардар“, Мирослав Андриески, во Брвеница.

Ова е вториот грант дониран од страна на Јапонија за Општина Брвеница. Претходно преку GPP-грант програмата за мали проекти беше поддржана реконстрункција на покривот на основното училиште во селото Челопек.

Преку програмата за мали грантови (GGP), Јапонија финансира проекти за реновирање и обезбедување опрема за повеќе од 70 училишта и градинки и 57 здравствени установи и обезбеди 31 возило за одржување и комунални возила за 49 општини.

Севкупно, Јапонија ја поддржува Северна Македонија во повеќе сектори и тоа инфраструктурен развој, подобрување на здравствената нега, образованието, животната околина, култура, спречувањето на природни катастрофи, бегалската криза, како и итна помош, во вкупен износ од повеќе од 422.3 милиони евра, како и дополнителна нефинансиска поддршка.